Startup Europe Week – најмасовниот настан за претприемништво во светот ќе има и македонска едиција која ќе се оддржи од 16ти до 20ти Март во Europe Hause Скопје (просториите на Европската Унија). Стефан Митески од Systems for Enterprise и неуморната екипа од Startup Macedonia се одговорни за македонската едиција на настанот да биде одлично изведена и занимлива.
Скопје ја има честа да биде еден од 300те градови ширум светот кој што ќе го слави претприемништвото и ќе ја посвети неделата на локалните стартапџии, нивните предизвици, искуства и инспиративни приказни. Startup Europe Week Skopje ќе се потруди да опфати интересни настани и за помладата публика која што во моментов размислува за свој бизнис, како и за поискусните стартапџии кои наидуваат на препреки. Петте настани кои ќе се оддржуваат секој ден од 16ти до 20ти март од 18:00 – 20:00 часот ќе не едуцираат за тоа како да најдеме финансиски инструменти, како да се брендираме, како да се вклучиме и усовршиме во процеост на продажба и како да бидеме социјално одговорни при сето тоа.
Првиот настан во склоп на Startup Europe Week (на 16ти март) ќе биде посветен на финансиски инструменти кои што можат да ги користат стартапите. Гого Рафајловски од SEEUTechPark ќе има посебен осврт на валуација на стартапите т.е. проценката на нивната вредност, на која што ќе се надоврзе Виктор Мешков од инвестицискиот фонд – SEAF Македонија. Информативната едиција за што е тоа конвертабилна белешка како инструмент (convertable note) ќе раскаже Игор Маџов од инвестицискиот фонд SCV и Startup Macedonia. Мајкл Голд од инвистицискиот фонд Кримсон Капитал ќе раскаже за нивниот инструмент а Каролина Каровска од Македонска Берза ќе ја објасни FunderBeam платформата и концептот на crowdsourcing-от.
Вториот ден (17.03) ќе биде посебно интересен бидејќи ќе биде посветен на социјалнатото претрипемништво. Блажка Димитрова, еден од најуспешните социјални претприемачи во Бугарија, ќе раскаже за проекти кои ги води ширум соседната земја со цел продлабочување на социјално претприемништво и одржливиот развој. Ќе ја слушнеме нејзината приказна, почетоците, предизвиците, а ќе оддржи и работилница со учесниците на настанот. Настанот ќе го модерира Олга Рајчич од македонскиот стартап за создавање на добри навики – Challenger.
Во третиот настан, (18.03) во Mladi Hub (просториите на Претседателот на РМ на Рекорд) ќе се дискутира на прашањето – “Зошто на младите продуктно ориентирани компании им е потребен квалитетен тим за развој на бизнис и продажни мрежи?”. Одговори ќе даде Игор Изотов – стартап консултант на многу македонски стартапи и еден од најактивните членови во македонксиот стартап еко-систем. Во двочасовното дружење кое што започнува од 6 часот попладне Изотов заедно со Александар Целески, извршниот директор на Дуел консалтинг, и проф. д- р Владимир Трајковиќ ќе раскажат за неколку интересни пресврти за кои што тие допринеле во стартапи. Доставени ќе бидат информации како по нивната интервенција стартапите станале далеку поуспешни и што се може да се добие од соодветен консултант. Модератор на дискусијата ќе биде Марија Димовска од Startup Macedonia. Гостин на настанот ќе биде и Игор Добросављевич кој ќе ја промовира германската програмата – Senior Experts Service за поддршка на нашите компании со менторство од искусни германски професионалци.
Со нетрпение се очекува сесијата која ќе се оддржи на 19ти март во Europe House посветена на продажните искуства на наши одлични продавачи. Многу интересни приказни и анегдоти за својата прва продажба ќе изнесат инспиративните говорници:
- Методија Пејовски – поранешен генерален директор на Унет и Контего
- Аријана Коскарова основачот на Creative Hub, добитничка на Forbes 30 under 30
- Петар Стојановски поранешен комерцијален директор во Триглав и ко-сопственик и генерален директор на најбрзо растечкото брокерско друштво во Македонија – Ризико
- Илир Села основачот на светскиот а наш стартап Slice
Екипата на стеларни маркетари – Теодора Николова основач на Vrootok, Дарјан Раденковиќ – CMO на Brainster и Ива Дујак од Brand Union ќе бидат дел од последниот настан на 20ти март и ќе дискутираат за тоа како да се изгради брендинг страгерија во компанијата и како да се усклади со целокупната репрезентација на бизнисот. Модератор ќе биде секогаш интересната Моника Ризовска – одговорнa за employer branding во Cosmic Development.
Заедно со Startup Weekend и Global Entrepreneurship Week, Startup Europe Week е еден од централните настани кои што го слават претприемништвото во Македонија а Скопје дефинитивно станува еден од стартап центрите во Европа.