Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБТ) при Владата на Република Северна Македонија, во соработка со Делегацијата на Европската Унија, Единицата за специјални операции Карабиниери заедно со агенцијата „Studiare Sviluppo” од Италија, и со Министерството за внатрешни работи денеска го одржаа првиот промотивен настан на твининг проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот”.
Општата цел на овој проект е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на националните органи за гранична контрола, управување со миграциските текови, борба против тероризмот и организираниот криминал, а неговспецифичен фокус е зајакнување на техничките и административни капацитети за откривање, истрага и спречување на тероризам.
На промотивниот настан на свеченото отворање на проектот, во присуство на првите луѓе на Министерството за внатрешни работи, Наќе Чулев, на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски, на Јавното обвинителство за организиран криминал Вилма Русковска, како и во присуство на амбасадорот на Италија во нашата земја Карло Ромео, раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ во нашата земја Никола Бертолини и на генерал мајорот и командант на Единицата за специјални операции Карабиниери Пасквале Анџелосанто, се обрати Националниот координатор на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ) Борче Петревски.
Петревски истакна дека, меѓу многуте заклучоци кои произлегоа од нашите анализи на досегашното работење на НКСНЕБПТ, е и заклучокот дека е потребно итно надградување на капацитетите на владините институции кои работат на превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам.
„Токму во таа насока е и овој проект кој е структуриран со цел испорачување на задолжителни резултати што ги рефлектираат и поддржуваат двете донесени национални стратегии и помагаат во подготвување на локалните заедници, општеството и институциите за успешно справување со заканите од насилен екстремизам и во борбата против тероризмот. Општо земено, првиот задолжителен резултат од проектот главно се однесува на активностите за превенција кои се базираат широк општествен пристап. Во рамките на овој пристап, влегуваат активности поврзани со зајакнување на техничките и административни капацитети за откривање, истрага и спречување на тероризам на сите институции со надлежност за овие активности, како и превенција и подигање на свеста и кај општеството и кај локалните заедници, што значи дел од проектот е насочен кон општеството. Втората компонента од проектот е насочена кон лицата поврзани со екстремизам и тероризам, како и со сузбивање на криминалот кој се поврзува со екстремизам и тероризам”, истакна Националниот координатор на НКСНЕБПТ Борче Петревски.
Првата компонента на проектот е насочена кон зајакнување на институционалните капацитети на НКСНЕБТ, на Агенцијата за национална безбедност, како и на другите државни безбедносни служби со цел да се овозможи ефикасно и ефективно координирање на сите агенции кои работат на полето на спротивставување и спречување на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам. Втората компонента пак, е насочена кон зајакнување на оперативните капацитети на Бирото за јавна безбедност (со особен акцент на новоформираниот Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализација во рамките на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал), за подобро спречување, заштита, следење и одговор на предизвиците поврзани со спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот, согласно постоечките национални стратегии.
Во реализацијата на проектот партнер во делот на споделувањето на искуствата и во обуките како партнер е Единицата за специјални операции (ROS) и други високо специјализирани единици од Карабиниери кои ќе учествуваат во имплементацијата на активностите од проектот и ќе ги споделат италијанското искуство и најдобрите пракси.