– Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро го обвини бразилскиот колега, екстремниот десничар Жаир Болсонаро дека сака „вооружен судир” помеѓу двете земји.
– Болсонаро подготвува бразилските вооружени сили за вооружен судир со Венецуела, поддржувајќи терористичка група, која нападна една касарна на нашата војска, изјави Мадуро пред странските медиуми во Каракас.
Тој зборуваше за нападот на група дезертери врз касарна во пограничната венецуелска сојузна држава Боливар на 22 декември минатата година, при што загина еден војник. Напаѓачите потоа побараа азил во Бразил.
– Постојат терористички групи кои на бразилска територија подготвуваат воени упади во Венецуела и ние имаме право да се браниме, посочи Мадуро.
Тој го нарече Болсонаро фашист.
Во повеќе региони на Венецуела денеска и утре ќе се одржи воена вежба „Боливарски штит 2020″, пред се во делови на земјата што граничат со Колумбија и Бразил.
Бразил, Колумбија и Перу се помеѓу десетината земји кои бараат Мадуро да се повлече од претседателската функција и кои го признаа опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за претседател на Венецуела во јануари минатата година.