Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „убиство“ и „убиство во обид“, Оделението за внатрешни работи Струга, поднесе кривична пријава против К.Л. (33) од струшкото село Ливада како и против Е.О.(39), од истото село, за сторено казнено дело „помагање“. 
Според пријавата на 14.08.2017, првопријавениот К.Л. на летна тераса од угостителски објект во Струга со револвер го лишил од живот 58 – годишниот Дилавер Бојку – Леку од струшкото село Велешта, а потоа пукал и кон А.Б.(41) од Струга и Б.С.(28) од селото Велешта. Второпријавениот Е.О. со патничко возило „мерцедес“ со швајцарски регистарски ознаки, по претходен договор со сторителот, го однел до угостителскиот објект, соопшти полицијата.
Од СВР Охрид засега не откриваат дали осомничените за убиството се достапни на органите на истрагата.
Во декември 2018 година беше убиен најстариот член на струшкото семејство Исрефи во неговиот ресторан во Цирих, како крвна одмазда за убиството на Дилавер Бојку.
Исрефи (51) е татко на Ситем (23) кој беше убиен пред четири години во струшка Белица од Башким Бојку, брат на Дилавер, кој е во затвор за убиството на Ситем и ранувањето на неговиот брат Прентим, кој остана инвалид.
Дилавер Бојку Леку беше убиен
во неговиот ресторан на струшката плажа „Аква блу“. Убиецот ладнокрвно пришол до масата на која седел Дилавер Бојку и испукал само еден куршум во главата. Тој потоа дошол на аеродромот „Св. Апостол Павле“ од каде што отпатувал со лет за Базел.
Иако од семејството Исрефи негираат било каква врска со Бојку, блиските на Исрефи за медиумите рекле дека станува збор за крвна одмазда, но и дека убиството ќе биде вратено со иста мера.
Крвавата пресметка меѓу двете фамилии почна на 13 декември 2015 година во струшкото село Долна Белица. Тогаш Башким (48) заедно со синот на Бојку, Ермин (33), заедно со уште тројца непознати лица од автомобил пукале во возилото во кое биле браќата Ситем и Прентим Истрефи. Причина за убиството биле расправии околу концесиите на струшките плажи.