Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска која вчера и денес учествува на 53-тата Минхенска безбедносна конференција, денес присуствуваше на неформалната средба на министри за одбрана организирана од германската министерка за одбрана Анегрет Крамп- Каренбауер.
На средбата министерката Шекеринска имаше можност да се сретне и поразговара со колегите министри, секретарот за одбрана на САД Марк Еспер, германската министерка Анегрет Крамп – Каренбауер, и француската Флоренс Парли. Тема на разговоритe беа приоритетите на одбраната и натамошната соработка и сојузништво. Министрите упатија честитки до Шекеринска за членството во НАТО и изразија подготвеност за интензивирање на натамошната соработка.
На маргините на Конференцијата Шекеринска имаше одвоени средби со премиерот Албин Курти и шефот на дипломатијата на Косово Глаук Конјуфча, со парламентарниот потсекретар за безбедносна и одбранбена политика во Министерството за одбрана на Германија Петер Таубер како и со генералот Куртис Скапароти поранешен командант на американските сили и на Здружената команда на НАТО за Европа, сега во својство на претставник на меѓународната група Кохен која дава врвни експеризи од областа на одбраната и безбедноста.
На средбите стана збор за новиот статус на Северна Македонија како НАТО членка и постигнатиот прогрес и меѓусебната соработка во одбраната.
Во рамки на Минхенската безбедносна конференција Шекеринска учествуваше и на тркалезната маса под наслов „Нарушување на перцепциите со цел подобро лидерство”, чија тема беше улогата на жените во политиката. Шекеринска притоа истакна дека прогресот во родовата еднаквост не треба да се земе здраво за готово туку е потребна континуирана посветеност. Министерката рече дека жените во политиката често се изложени на вербално па дури и физичко насилство кои се закана за родовата еднаквост.
„Кога првпат влегов во Парламентот, бев само една од 7 жени. Ја видов пристрасноста зашто сум жена, зашто бев млада и зашто зборував отворено. Сега имаме Парламент со околу 40 проценти жени и да не беше системот на квоти кои го воведовме во 2002, ова немаше никогаш да биде реалност”, истакна министерката.