Во дворот на црквата „Св Кирил и Методиј” во Велес денеска беше осветена и пуштена во употреба фонтаната „АЗ-БУКИ духовен вруток” посветена на браќата Кирил и Методиј. Фонтаната е идејно решение и донација на композиторот и уметник Запро Запров и неговото семејство.
Запров за МИА изјави дека името на фонтаната е дадено по првите букви (Аз и Буки) од азбуката што ја создадоа браќата Кирил и Методиј.
– Со мојот добар пријател владиката Агатангел во насока на нашата борба за сеопфатно зачувување на нашите македонски вредности преку вакви дела и создавање на вредности, дојдовме на идеја да им искажеме благодарност на нашите претци, на оние кои го давале својот живот за нашата посебност и нашиот македонски идентитет. Во име на сето тоа, го создадовме овој објект, изјави Запров.
Идејата за изработка на оваа фонтана, според Запров, е израз на сета мудрост и интелектуален труд на светите браќа Кирил и Методиј.
– На фонтаната има четири топки кои ги претставуваат четирите страни на светот. Горе има купола со која е претставена вселената затоа што нивното дело е веќе во вселената, а нивното значење е огромно за човештвото. Затоа и целата фонтана е во букви и симболи, со ликовите на свети Кирил и Методиј кои својата азбука ја ширеле меѓу словенскиот свет, појаснува Запров.