По прекинувањето на 135. седница на која заврши расправата за измените на Законот за Совет на јавни обвинители, Собранието попладнево продолжи со 123. седница и дискусијата по Предлог-измените на Закноот за одбрана.
Измените предвидуваат промена на социјалниот и правниот статус на Армијата. Со него се дефинирани обврските кои државата ги презема како идна членка на НАТО. Се преминува од систем на индивидуална во систем на колективна одбрана.
Со Законот се менува и името на Армијата на Република Македонија во Армија на Северна Македонија.
Токму на оваа одредба реагираше Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ кој апелира да не се брза со промена на името на АРМ зашто тоа не е обврска согласно Преспанскиот договор уште најмалку пет години.
-Немојте да го менувате името. Не морате. Таква обврска со Преспанскиот договор се уште не е настаната. Според Договорот, името може да се смени пет години по почнувањето на преговорите во поглвјето за безбедност, а тоа веројатно нема да се случи во наредните седум години. Брзате, а со тоа правите штета на државата, нагласи Димовски.
Потсети и дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предложила идентичен закон како овој за кој се дискутира, но без предлог АРМ да се реименува во Армија на Северна Македонија.
На ова остро реплицираше Илија Николовски од Партијата на обединети пензионери и граѓани, посочувајќи му на Димовски дека промената на името на АРМ е само еден, многу мал сегмент од Законот кој е клучен за одбраната и регулира многу други посуштествени сегменти.
-Името е само мал сегмент од измените на Законот кој е суштински и со чие донесување се променува социјалниот и правен статус на Армијата. Додека бевте на власт, МВР беше милитаризирано, а Армијата запоставена, на маргините. Со доаѓањето на оваа власт и донесувањето некои закони, суштински се менува статусот на Армијата што вам најверојатно ви пречи, зашто за 11 години не беше направено ништо за АРМ, рече Николовски.
Расправата по измените на законот е исцрпена, а гласањето, како што најави претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе биде утре, на продолжението на 123. седница закажано за 11.00 часот.
Утре треба да продолжи и 135. седница со гласање по законите за јавно обвинителство и за Совет на јавни обвинители. Напладне, пак, во 12.00 часот треба да се одржи и 137. седницата за распуштање на Парламентот.