Собранието со 62 гласа „за”, 26 „против” и без воздржани на 136. седница ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика.
Премиерот Оливер Спасовски, образложувајќи го Предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, рече дека побарал таа да биде разрешена по, како што рече, серијата нејзини настапи на кои грубо ги прекрши законите кои го уредуваат уставното име на земјата.
-Во Владата не го коригираше ова свое однесување. Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно, нагласи премиерот. Изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже демократски капацитет и ќе предложи нов кандидат за министер.
Мизрахи, пак, посочи дека место да ја критикуваат нејзината работа, била мета на антисемитски напади.
– Нарушените меѓучовечки односи, непостоење вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада бев мета на антисемитски напади од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда, изјави Мизрахи.
Пратениците го донесоа и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.
Џафери ја закажа 135. седница за денеска во 13 часот. На дневен ред освен Предлог-законот за ЈО е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.
На веб-страницата на Собранието за денеска со почеток во 14 часот е закажана седница на Комисијата за надворешната политика. Пред членовите на оваа Комисија ќе бидат претставени платформите за дипломатски активности на амбасадорите на нашата држава во Косово, Албанија, Катар, Кралството Данска, при Мисијата на Обединетите Нации во Женева и при Мисијата во Советот на Европа, Стразбург.
За утре е закажана 137. седница на Собранието со единствена точка на дневниот ред – Предлог-одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, поднесен од Талат Џафери.