– Две третини од граѓаните ќе гласаат за влез на земјава во Европската Унија доколку утре се одржи референдум за тоа, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за емисијата „Детектор” го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според истражувањето, доколку утре се одржи референдум, 65,5 отсто од граѓаните ќе гласаат за влез на земјава во ЕУ, додека 17,2 отсто би гласале против.
Во споредба со анкетата која Институтот за политички истражувања Скопје за Детектор ја спроведе во септември нема некоја значителна промена на расположението кај граѓаните. Во септември лани, 67,4 отсто рекле дека ќе гласаат за влез на земјата во ЕУ, а намалувањето на поддршката од 1,9 процентни поени е во рамките на т.н. маргина на грешка. Слична е ситуацијата и кај евроскептиците. Таму, за нешто помалку од шест месеци, бројот на противници на влезот во ЕУ се намалил за само 0,1 процентен поен.
Вкупно 36,7 отсто од граѓаните очекуваат земјава да добие датум за старт на преговорите во мај, додека 46,3 отсто се на ставот дека земјава во мај нема да ги почне преговорите. Доколку нема преговори во мај, 30,3 отсто од граѓаните сметаат дека вината за тоа треба да се лоцира во власта, а 17,6 отсто во опозицијата. Дури 16,5 отсто сметаат дека вина за тоа треба да носат одредени земји членки, додека 8,1 отсто вината ја бараат на друго место.
На истото прашање, ИПИС за Детектор спроведе истражување во јавното мислење и во септември. Тогаш, вината во власта ја лоцираа 34,7 отсто од анкетираните или за 4,4 процентни поени повеќе од последното истражување. Се намалил и бројот на граѓани кои вината ја лоцираат во опозицијата и тоа од 19,7 отсто во септември лани на 17,6 отсто во анкетата спроведена на крајот од минатиот месец. За разлика од ова намалување, речиси двојно се зголемил бројот на граѓани кои вината ја лоцираат кај одредени земји членки и тоа од 8,2 отсто во септември лани на 16,5 отсто во најновото истражување на јавното мислење.
Дури 44,4 отсто од анкетираните велат дека забелешките на одредени земји членки на ЕУ во однос на добивањето датум за старт на преговорите се оправдани, додека 31,1 отсто го тврдат спротивното, а 24,5 отсто немаат одговор на ова прашање.
Во споредба со септемвриската анкета, може да се забележи дека сега, граѓаните гледаат поголема оправданост на забелешките на одредени земји членки. Ако во септември, 41,4 отсто сметале дека забелешките се оправдани, во последната анкета бројот на граѓани со овој став се зголемил на 44,4 отсто.
Слично е движењето на расположението на граѓаните кои сметаат дека забелешките не се оправдани.
Од 26,7 отсто во септември лани, бројот на граѓани кои сметаат дека забелешките не се оправдани се зголемил на 31,1 отсто. За сметка на тоа, за околу 6,5 процентни поени се намалил бројот на граѓани кои немаат одговор.
Дури 58,4 отсто од граѓаните Европската Унија ја гледаат како единствена опција за иднината на Северна Македонија, додека 18,6 отсто од анкетираните мислат дека земјава има и други алтернативи. Од нив 4,7 отсто сметаат дека тоа треба да биде Евроазискиот сојуз, 2,6 отсто да не се членува во сојузи, а 1,9 отсто сметаат дека најдобра алтернатива би била Балканскиот сојуз. Дури 0,8 отсто сметаат дека тоа е Кина, а 0,6 отсто имаат друга алтернатива.
Најголемиот број граѓани очекуваат земјава да стане членка на ЕУ во следните пет години. Ваков став имаат 27,3 отсто од анкетираните. Една четвртина од анкетираните или 25,8 отсто сметаат дека Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Дури 16,6 отсто очекуваат членство во следните 10 години, 10,1 отсто следната година и 9,5 отсто во следните 15 години.
Граѓаните се поделени околу оценката за идејата за „мал шенген”, која подразбира економска интеграција и регионална соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија. Дури 42,4 отсто од анкетираните на ова гледаат позитивно додека 39,9 отсто негативно.
Вкупно 44 отсто од анкетираните сметаат дека договорите со Бугарија и Грција не биле правилни одлуки. За разлика од нив, 41 отсто сметаат дека овие одлуки биле правилни додека 15,1 отсто од анкетираните немаат одговор на ова прашање.
Во споредба со септемвриската анкета, пораснал бројот и на граѓани кои договорите ги сметаат како правилна, но и на оние кои во нив гледаат погрешна одлука. Па така бројот на граѓани кои сметаат дека договорите биле погрешен чекор од 40 отсто во септември лани се зголемил на 44 отсто во последната анкета. Бројот на граѓани кои ги поддржуваат овие договори, од 38,4 отсто во септември се зголемил на 41 отсто во анкетата спроведена на крајот од минатиот месец. За сметка на тоа, за околу шест месеци, бројот на граѓани кои немаат одговор на ова прашање се намалил за 6,5 процентни поени.
Истражувањето беше спроведено преку телефонска анкета во периодот од 28 до 31 јануари годинава врз репрезентативен примерок од 1.083 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3 отсто.