Камиони натоварни со отпад како на подвижна лента постојно се движат, едни се враќаат, а други одат кон големата депонија на која со децении се таложи ѓубрето на скопјани, како што се собираа и таложеа проблемите со кои се соочуваше „Дрисла“.
Јавното претпријатие во изминативе недели е актуелно пореди АФЕРАТА со несоодветно складиран медицински отпад, како и бројни неправилности во работењето кои се откриваат со ревизијата што се прави по враќањето на депонијата под „капата“ на Градот Скопје. А да не биде исклучок од правилото, и „Дрисла“ стана арена за политичка битка и препукувања.
Екипа на 24 Инфо беше во „Дрисла“ каде во сенката на сите збиднувања депонијата продолжува нормално да функционира. Камионите постојано влегуваат и излегуваат, на самиот влез се мери радиоактивноста, а пред да излезат камионите ги перат и дезинфикуваат. Дополнително се прави мерење на јонизирачкото зрачење при прием и третман на отпадот, местото каде се согорува медицинскиот отпад, на косини каде веќе е покриен отпадот и на крај на резервоарот за отпадна вода или станица за рециркулацаија од каде не се дозволува излез на контаминирана вода од депонијата. Печката работи, а работи и интерната лабораторија за испитување на подземните и површинските води во и надвор од депонијата, за која и ретко кој слушнал дека постои.
Новото раководство на Дрисла, предводено од директорот Коста Начевски деновиве оствари средба со високи претставници на Европската Унија од Централата во Скопје кои на лице место ја посетија депонијата, а од нив, со проекти за модернизација на депонијата, ќе побара грант од европските фондови за поддршка и развој на животната средина.
-Градот Скопје и ние како раководство планираме модернизација на депонијата. Изградба на централа на био-депониски гас која најнапред ќе го собира депонискиот гас и ќе произведува електрична енергија, а со тоа ќе направиме почиста и поздрава животна средина, изјави Начевски.
Еден од приоритетите на новото раководство е набавка на нов стeрилизатор, со кој „Дрисла“ би престанала да го согорува медицински отпад, кој наместо тоа ќе се стерилизира.
Процесот на стерилизација е целосно автоматски. Возилата кои се стриктно наменети за собирање на медицински отпад истиот го носат на „Дрисла“ каде се става на лента која автоматски го става во стерилизаторот, односно „автоклавот“. Истиот има сензор, кој го сопира отпадот кога ќе достигне тежина од 350 килограми, и почнува да го сече. Отпадот паѓа во т.н. казан, каде што на принцип на висок притисок, со вода на температура од 138 степени целзиусови, без дополнително да се користат хемикалии, медицинскиот и фармаколошкиот отпад целосно се стерилизира. На другата страна излегува чист комунален стерилизиран отпад, без нус појави и загадување. Водата која што излегува, машината претходно ја омекнува, излегува чиста стерилизирана вода.
Таа линија е предвидено да биде користена за комплетниот медицински отпад од Македонија, од сите јавни и приватни здрвствени установи и кој ќе се третира во две смени.
-Наша обврска е правилно третирање на сите видови отпад. Исто така веќе започнавме да прибираме информации за да аплицираме за проект финансиран од ЕУ за прочистителна станица за депониската вода која денес ја третираме на застарен начин, но сепак задоволителен, да го зголемиме нивото на квалитет. Така што работејќи на квалитетот на животната средина воведовме дополнителни интерни контроли на квалитетот на водата, а воедно ќе има и редовна надворешна контрола на квалитетот на комуналниот отпад добиен по пат на стерилизирање, односно дали е таков каков што треба да биде, а интерната лабораторија на „Дрисла“ ќе прави тековна контрола на водата која излегува од стерилизаторот, вели директорот.
Очекувањата се дека стерилизаторот и целата инсталацијата ќе биде инсталирана во првата половина на април, а која е набавка почната од претходниот директор.
Клучно за модернизирање на депонијата е изградба на Централа за производство на био-гас , инсталирање на прочестителна станица и линија за секундарна селекција. Според досегашните сознанија, како и од физибилити студијата од „Мекдонлдс“ релевантна меѓународна компанија, „Дрисла“ може да произведува меѓу 2 и 3 мегават часа „зелена електрична енергија“.
По инсталирање на стерилизаторот ќе се реновираат филтрите и печката, која ќе престане да се користи за третирање на медицински отпад. Но бидејќи има законска обврска да биде во функција истата ќе се користи за горење на документи на странските амбасади, со кои има договори, како и за уништување на стебла на канабис, запленети дроги и тутун и други акцизни стоки.
– Нашите очекувања се дека ќе успееме да ги добиеме трите гранта со кој ќе ја модернизираме депонијата Дрисла, рече Начевски.
Од лабораторијата за хемиско-физичко испитување на подземните и површинските води во и надвор од рамките на депонијата велат дека и досега нема загадување со депониската вода. Лабораторијата во модернизацијата ќе има уште поголема улога и важност за процесот на трансформација од озлогласена во вистинска санитарна депонија.
Фото: Слободан Ѓуриќ