Владата на синоќешната седница донесе одлука за давање согласност на Правилникот за доделување финансиски средства преку Иновациски ваучери на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Како што информира владината прес-служба, Правилникот за доделување на финансиските средства преку иновациските ваучери сe воведува прв пат, а негова основна цел е да ја поттикне соработката меѓу претпријатијата и академските и научно-истражувачките установи во насока на спроведување иновациски активности, со што претпријатијата ќе ја зголемат својата конкурентност.
-Со ваучерите кои ФИТР ќе им ги додели на компаниите кои имаат намера да почнат нови производи, процеси и услуги со иновативна компонента, ќе се надоместуваат трошоците за услуги на академските и научно-истражувачките институции кои за нив ќе изготвуваат истражувања и анализи што ќе го помогнат успешното реализирање на новите процеси, наведува Владата.