Младите од Велес денеска учествуваа на програмската трибина Агенда – Млади 20-24, на која дебатираа на тема „Младинска невработеност” во организација на СДММ. На денешната трибина се обратија Виктор Велевски, генерален секретар на СДММ, Љупка Црвенова од ЛК Велес и Игор Андреев, извршен директор на првиот бизнис акцелератор во Велес „Х Фактор”.
СДММ започна процес на широки консултации со млади луѓе и креирање решенија и мерки за млади, кои ќе станат дел од официјалната предизборна програма за мандатот на новата Влада, за периодот 2020 – 2024 година.
„Невработеноста кај младите беше еден голем проблем кој ја мачеше нашата младина и ако направиме една паралела од пред 3 години и до денес земајќи ги во предвид мерките кои се направени ќе видиме огромна разлика”, рече Виктор Велевски, Генерален Секретар на СДММ, отворајќи ја трибината.
Тој посочи дека во 2016 година младинската невработеност изнесувала 49%, а денес според податоци од Државниот завод за статистика, во последниот квартал стапката на невработеност кај младите е намалена на 35%. А со Оперативниот план за вработување од 2017 до 2019 година, опфатени се вкупно 9585 млади лица.
Во 2020 Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување е со рекорден буџет до сега од 1,4 милијарди денари, со кој се планира да се опфатат 12.000 невработени лица, од кои 67% млади до 29 години, со што се прикажува заложбата на Владата предводена од СДСМ за што поголем опфат на младите и нивна инклузија на пазарот на трудот, истакна Велевски.
Тој ги посочи за успешни мерките, како: „Самовработување со грант” на АВРМ, преку која неповратни средства за отворање сопствен бизнис имаат добиено 1524 млади, преквалификацијата и доквалификацијата на невработените млади лица за ИТ вештини од која бенефит имаа 820 лица, финансиската поддршка за новоосновани „старт-ап” и „спин-оф” претпријатија, мерката млад земјоделец со која оваа година се зголемува сумата од 10 – 20 илјади евра и младинскиот додаток од 3000 денари за млади вработени во производство и земјоделство.
Денес, грантовите се доделуваат неселективно и врз основа на проект и план, дополни Велевски.
Нашата држава е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а во 2018 година започна со воведување на „Гаранција за млади”, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе до 29 години, истакна Љупка Црвенова од ЛК Велес .
Таа посочи дека во 2018 година, иако Гаранцијата за млади се спроведе само во три пилот општини: Гостивар, Струмица и Скопје, веќе во 2019 таа се спрове на територија на цела држава со посебен акцент на трите најранливи региони: полошкиот, југозападниот и североисточниот регион.
На младинската трибина учествуваше и Игор Андреев, извршен директор на првиот бизнис акцелератор во Велес „Х Фактор”.
Тој посочи три стратешки промени кои се случија со доаѓањето на оваа власт. Тоа се: голема поддршка на домашните компании, зајакнување на човечкиот капитал и вработување на младите во производството, фокус на ит професионалци, а во иднина порача дека треба да се зголеми поддршката на старт ап бизнисите и претприемнишвото .
Тој истакна дека Фондот за иновации конечно ја врши задачата која ја има и има вистинско место во државата, а тоа е поддршка за започнување на свои бизниси. Тој ги повика младите луѓе да се охрабрат и да започнат свој бизнис посочувајќи го отворениот повик за Старт ап програмата во Фондот за иновации кој нуди помош од 30.000 евра и 15% учество.
Во нашата држава има огромен потенцијал, треба да го искористиме тоа, затоа им пораќувам на младите да работат локално, а да размислуваат глобално, заврши Андреев.