ЖКК „Бадел 1862″ од Кисела Вода, како авангарда на женската кошарка во нашата држава ќе реализира проект „Растеме со кошарката”.
„Целта на проектот е психосоцијална поддршка на кошаркарките во нашиот тим, во насока на раст и развој на индивидуата и тимот како група. Ние сме свесни дека психичкото и физичкото здравје се подеднакво значајни , така што поучени од светските трендови на големите спортски клубови, одлучивме да им овозможиме на нашите кошаркарки поддршка и од овој тип. Работилниците ќе ги опфатат нашите млади на возраст од 14 до 18 години. Во нашата држава нашиот клуб е прв со ваков проект” – изјави Љупчо Павловски, тим менаџер на ЖКК „Бадел 1862″.
Проектот ќе се одвива преку програма за раст и развој во области на интерес на младата популација, дискусии и креативни работилници. Реализацијата на програмата ќе ја овозможат психолозите Андријана Павловска Темелковска и Сандра Крстиќ, под менторство на искусниот училишен психолог и психотерапевт Ана Попризова.