Албанскиот државен врв ја честиташе 12- годишнината од независноста на Косово.
Во свое и од име на граѓаните на Албанија,честитка упати шефот на државата Илир Мета, наведувајќи притоа дека Косово веќе влегло во својата втора деценија како независна и суверена држава, со уште пожива и подинамична демократија.
„Оваа нова фаза на консолидација на државата Косово, сигурен сум, ќе биде проследена со нов поттик во братските односи и соработката меѓу нас, следејќи ги најдобрите национални и европски вредности. Посакувам пред воопшто нелесните предизвици во Косово да владее единство околу стратешката цел за европска и евро-атланска интеграција, како и натамошно признавање на меѓународната сцена, стои меѓу другото во честитката.
Додава дека ќе продолжи да биде до Косово на „ова патување што бара посветеност и напорна работа на сите косовски институции”.
„Во исто време, убеден сум дека едногласното претставување на Косово и координацијата со неговите стратешки партнери ќе овозможат успешно финализирање на дијалогот со Србија за нормализирање на односите меѓу двете земји преку договор за признавање на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово,наведува Мета.
И албанскиот премиер Еди Рама преку социјалните мрежи ја честиташе 12-годишнината од независноста на Косово.
„Честит благословениот ден на независноста на Косово на сите Албанци каде и да се и вечен да биде споменот за оние кои ги положија своите животи за овој ден”, напиша Рама, кој постира видео со косовската химна.
Со текстуално многу подолга честитка 12-годишнината од независноста на Косово, ја честита и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, наведувајќи дека и ако ДП дојде на власт „Косово и заедничкиот стремеж за интеграција ќе биде голема мисија”.
„Денес на чело на опозицијата и утре на чело на Владата, Косово и нашиот заеднички стремеж кон интеграција ќе бидат нашата голема мисија. Драги браќа и сестри на Косово, на вториот најважен ден од нашата национална историја, од срце Ви ја честитам 12-годишната независност. Ние ќе бидеме заедно на ова патување, затоа уште посилни и појасни од кога било за нашата сегашност и нашата иднина. Среќно Косово!” напиша Баша.