Обвинителката за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска не сакаше да даде изјава, а адвокатите на обвинетите во Рекет, сакаа, но не смеат да коментираат што било презентирано денеска од УСБ-то на Зоран Милески Кичеец. Иако Рускоска вчера најави дека токму во интерес на јавноста ќе бидат прикажани на јавноста снимените разговори, денеска таа побара јавноста да биде исклучена од рочиштето. Таа беше децидна дека нема што да додаде, дека изјава дала вчера и дека за одлуката зошто рочиштето било затворено одговор треба да се побара од судијката Васка Николовска Масевска.
Дељо Кадиев, еден од двајцата адвокати на Катица Јанева, изјави дека ништо не смеат да коментираат од денешните презентираните материјали во судница откако судот одлучи да ја исклучи јавноста.
– Иако ни беше вчера најавено дека ќе се слушаат снимките и дека тоа се прави за јавноста, барем така беше презентирано, ние сметавме дека за една снимка можеби имаше основ да се исклучи јавноста, но во другите снимки по нашето мислење требаше да биде присутна јавноста и тие снимки требаше да бидат изведени. Сметаме дека со исклучување на јавноста денеска на еден начин беше оневозможена јавноста да се запознае со содржината на тие снимки, но тоа беше одлука на судот – нагласи Ирена Фрчкоска, вториот адвокат на Катица Јанева, објаснувајќи дека ова се снимките за кои екс шефицата на СЈО на последното рочиште кажа дека тие се доказите од каде започнува нејзината одбрана и со истите требаше да се докаже дали станувало збор за рекет или за поткуп.
Таа ги упати новинарите да ја прашаат Рускоска зошто се пишманила во изминативе 24 часа и дали евентуално била изложена на притисок да го промени вчерашното позитивно мислење за јавно објавување на снимките.
На следните рочишта ќе се појават дел од сведоците кој денеска ги предложи одбраната на првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски.
Неговиот адвокат Сашо Дуковски рече дека во листата на сведоци нема ништо спектакуларно.
– Денеска реагиравме затоа што сметавме дека немаше никакви причини за исклучување на јавноста, посебно не откако вчера беше најавено дека за овие снимки процесот ќе е јавен.