Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ оцени денеска дека во Босна и Херцеговина (БиХ) се одвива тивка ревизија на Дејтонскиот договор со која се бара укинување на рамноправноста.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ во интервјуто за ТВ Прва, изјавата на членот на српското претседателство на БиХ, Милорад Додик, „Збогум БиХ, добредојде РС-Егзит” ја оцени како „политичка борба”.
-Ова не е празна приказна, туку е јасна порака: Ако продолжите со таква политика на загрозување на рамноправноста на српскиот народ, ќе имате проблеми, изјави Дачиќ, оценувајќи дека Србија нема да дозволи укинување на Република Српска (РС) и дека такво нешто е невозможно.
-Партијата за Демократската акција (СДА) беше формирана на политиката на Алија Изетбеговиќ, која тој ја дефинираше пред повеќе од 40 години, и во која се вели дека Исламската држава може да се формира кога муслиманите ќе имаат мнозинство. Сега тие имаат мнозинство … и сето ова некому може да му е банално, но немојте подоцна, кога ќе ви се сруши некој трговски центар, да излезе дека бевме во право. Бин Ладен имаше босански пасош , рече Дачиќ.
Зборувајќи за улогата на Уставниот суд во БиХ според Дејтонскиот договор, Дачиќ објасни дека Босна е направена според американскиот модел, во која заеднички функции се само она за што ќе се договорат ентитетите, а прашањата поврзани со земјиштето и шумите тоа не се.
-И сега имаме ситуација кога судија од Северна Македонија (Маргарита Цаца-Николовска која е потпретседател на оваа институција во БиХ) гласа дали Република Српска или Хрватите во Босна ќе бидат рамноправни. А тие имаат Охридски договор што им ги гарантира сите права на Албанците, иако ги има помалку од Србите во БиХ, кажа Дачиќ.