Прес- конференција, Снежана Калеска- Ванчева, пратеничка и координаторка на Форум на Жени на СДСМ
СДСМ заедно со граѓаните продолжува со заложбата за неселективна правда и правна држава. Основата за тоа е поставена од мнозинството пратеници преку изгласаниот Закон за јавно обвинителство. Законот гарантира независен правосуден систем, но и одговорност и казнивост за сите што прекршиле закон. Тоа е една од основите за напредок на државата кон Европската Унија.
Граѓаните преку маршот за правда уште еднаш им порачаа на правосудните органи дека тие се на потег да ја обезбедат правната држава и да ги завршат сите започнати судски постапки. Ние како владејачко мнозинство им овозможивме независно функционирање и услови за објективно и професионално постапување.
Oгромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Нема амнестија за партискиот криминал и нема спас за Никола Груевски.
Не успеа намерата на ВМРО ДПМНЕ да ја загрози правдата и европската иднина на државата. ВМРО-ДПМНЕ и извршителот Мицкоски останаа изолирани во заштита на криминалот и сами во дејствувањето против ЕУ и НАТО.
Граѓаните со право се незадоволни од состојбата во судството, исто како и ние во СДСМ што сме незадоволни од испорачаното во делот на правдата. Ние како политичка партија го завршивме нашиот дел од задачата- го донесовме Законот за јавно обвинителство, Законот за Совет на јавни обвинители, Законот за судови и сега е време правосудните органи да ја воспостават правдата.
Со законските решенија му овозможуваме на обвинителскиот систем да работи ослободен од било какви политички влијанија. Затоа тие се сега на ред да преземат одговорност.
Остануваме доследни на тоа дека со Законот за јавно обвинителство и со другите закони, се гарантира судски епилог на сите започнати судски предмети, но и случаи отворени од СЈО, кои ќе се водат врз основа на фер и транспарентна постапка.
Зад ова законско решение застанаа и нашите партнери од САД и Европската унија и ние сме им благодарни за тоа што го препознаа напредокот на државата и што деновиве јавно ни оддаваат признание за сработеното со нагласување на неопходноста за добивање датум за преговори со ЕУ.
СДСМ, согласно стратешките определби за независно судство и демократско владеење, нема да дозволи кој било, а најмалку Мицкоски да си поигрува со европската иднина.
Ние тргнавме по правиот пат кон независно судство и кон Европа и нема враќање назад.