– На состанокот на Работната група за заштита на воздухот во Србија, со која денес претседаваше премиерката Ана Брнабиќ, беше истакнато дека во Белград за седум години се планира повеќе да нема ниту еден автобус на дизел гориво, затоа што тие ќе бидат заменети со електрични или автобуси со хибридни мотори.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението на српската Влада, се наведува дека за патнички автомобили, Владата до крајот на февруари ќе обезбеди услови за субвенционирано купување на електрични и хибридни возила.
Како што додаваат од Владата, покрај изградба на звучни ѕидови со мов, други мерки за подобрување на квалитетот на воздухот ќе бидат и намалување на даноците за имот на граѓаните кои живеат во енергетски ефикасни станбени објекти и намалување на придонесите за оние кои имаат план да градат таков вид на згради.
– Се планира распишување на тендер за воспоставување на речен транспорт, тендер за набавка на 520 автобуси на гас во текот на следните пет години, да се засадат еден милион дрвја на 190 хектари градска површина и да се инсталира адаптивен систем за осветлување во проектот „Паметни градови” на повеќе од 300 крстосници во Белград, кои ја регулираат должината на зеленото светло во зависност од густината на сообраќајот, се наведува во соопштението.