Чулев: Има индициии за злоупотреба на службена положба на Спасовски за јавна набавка на 3000 чизми

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска одржа прес конференција на која информираше за грубо гршење на Законот за јавни набавки при набавка на чизми за полициски службеници.

Во продолжение интегрален текст од изјавата

Во текот на минатата недела, пред медиумите презентиравме еден случај во кои има основани соменевања дека вработени во Министерството за внатрешни работи направиле злоупотреба на службената положба, а денес пред јавноста ќе презентираме уште еден таков случај.

Фактите кои денес ќе ги презентираме говорат за две клучни работи:

– првата е апсолутната негрижата на Оливер Спасовски за стандардот и опремата на полициските службеници, а

– втората за сериозни прекршувања на процедурите и нови индиции за злоупотреба на службената положба, овој пат повторно во постапки поврзани со јавни набавки во Министерството за внатрешни работи.

Пред да преминам на главните работи на кратко ќе напоменам дека станува збор за јавна набавка за чизми за полициските службеници за чие спроведување е донесена одлука во 2015 година, целата постапка за спроведување на јавната набавка е реализирана во период кога со министерството за внатрешни работи раководи поранешниот министер Оливер Спасовски.

Всушност, на почетокот на 2016 година од страна на МВР е објавен оглас за јавна набавка на  3.000 пара полициски чизми во вредност од 15 милиони денари. На огласот биле доставени три понуди. По извршената евалуацијата од страна на комисијата било утврдено дека две понуди не ги исполнуваат условите, при што комисијата како прифатлива ја оценува само една од трите добиени понуди. По завршување на целосната постапка во април истата година  со конкретната компанија чија понуда е оценета како прифатлива се склучува договор за набавка на 3000 пара полициски чизми во вредност од 14.840.000 денари.

ВО ДОГОВОРОТ Е УТВРДЕН РОК ЗА ИСПОРАКА НА ЧИЗМИТЕ ОД 60 ДЕНА ПРИ ШТО Е НАВЕДЕНО ДЕКА ДОКОЛКУ ЕКОНОМСКИОТ ОПЕРАТОР НЕ ГИ ИСПОРАЧА ИСТИТЕ ВО ОВОЈ ДОГОВОРЕН РОК, ДОГОВОРОТ СЕ РАСКИНУВА СОГЛАСНО СО ЗАКОНОТ И ОД СТРАНА НА МВР СЕ АКТИВИРА БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА.

РОКОТ ЗА ИСПОРАКА НЕ Е ИСПОЧИТУВАН, НО НИТУ ДОГОВОРОТ НЕ Е РАСКИНАТ, А НЕ Е АКТИВИРАНА БАНКАРСКАТА ГАРАНЦИЈА, ТУКА ПОСТАПКАТА ЗА ИСПОРАКА ЗА ЧИЗМИТЕ ПРОДОЛЖИЛА ВО ПОНАТАМОШНАТА ФАЗА.

Понатаму, врз основа на овој договор кој веќе требало да биде раскинат економскиот оператор побарал од министерството внатрешни работи да направи контрола на квалитетот на чизмите кои биле предмет на договорот. Веднаш по доставување на барањето од страна на стручните служби во Министерството за внатрешни е направена потребната контрола и примерокот е доставен до независна акредитирана лабораторија која констатира дека според испитуваните параметри истиот не ги задоволува барањата од техничката спецификација на МВР по 4 критериуми. Врз основа на констатација на лабораторијата стручните работници кои работат контрола на квалитет го информираат одделот кој е задолжен за спроведување на јавната набавка дека НЕ СЕ ИЗДАВА СОГЛАСНОСТ ЗА ИСПОРАКА на конкретната стока поради отстапувања наведени во сертификатот. Во исто време и економскиот оператор, односно компанијата со која е склучен договорот прави независна контрола на квалитет во друга странска акредитирана лабораторија и тој извештај повторно покажува отстапување по одредени параметри.

Јавноста треба да знае дека согласно со законот во овој случај Министерството за внатрешни работи имало обврска да го раскине договорот, да наплати банкарска гаранција и да спроведе нова постапка за јавна набавка на полициски чизми. Но ниту го раскинало договорот, а не можело да ја наплати банкарската гаранција, бидејќи поради доцнењето во испораката банкарската гаранција била истечена, а нејзиното продолжување не било направено. Дополнително за компанијата не била ставена ниту негативна референца, обврска која Министерството за внатрешни работи ја имало согласно со Законот за јавни набавки.

Во меѓувреме тогашниот помошник министер доставува информација во која  го информира министерот Оливер Спасовски за целата постапка, вклучувајќи ги аномалиите и неправилностите во неа, особено во делот на констатациите и забелешките поврзани со квалитетот на чизмите, при што во еден од дописите до него сугерира дека „Законот за јавни набавки треба да се почитува, но не и слепо да се придржуваме кон неговите одредби„. Доставената информација е изготвена и потпишана од страна на помошник на министерот, а за содржината на истата согласност дал и тогашниот директор на БЈБ.

По доставување на информацијата до тогашниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски во која биле наведени пропустите во постапката за јавната набавка тој дава насоки дека и покрај сериозните забелешки, пропусти и отстапувања постапката може да продолжи во следната фаза, односно договорот да не биде раскинат и чизмите да бидат испорачи.

Во оваа фаза стручните работници во Министерството за внатрешни работи кои работат на контрола на квалитет со уште една информација реагираат до помошник министерот во однос на пропустите кои се направени во постапката за јавна набавка, на што тој појаснува дека  Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е тој кој решава дека полициски чизми ќе бидат примени во МВР.

Во меѓувреме, односно една година по истекот на законскиот рок во Министерството за внатрешни работи се врши прием на чизмите кои се предмет на договорот, а од страна на компанијата (добавувач) до Министерството за внатрешни работи е доставена фактура. Одделот за финансиски прашања констатира дека не може да биде платена истата, поради непостоење на активен договор врз основа на кој би се направила исплатата, односно договорот е направен во претходната буџетска година.  Потоа од страна на Министерството за внатрешни работи е изготвен анекс на договорот, по кој е направена исплатата. Овој договор Министерството за внатрешни работи требало да го изготви и потпише претходно, односно пред прием на полициските чизми кои се предмет на овој договор.

Горенаведените аргументи поврзани со набавката на чизми уште еднаш ја потврдуваат негрижата за стандардот на полициските службеници од страна на Оливер Спасовски, а сето ова е направно со грубо кршење на одредбите на законот за јавни набавки кое е сугерирано од страна на помошникот министер, а аминувано од Оливер Спасовски. Изминатите години сме сведоци на неговите лажни заложби за подигнување на стандардот на полициските службеници, а информациите кои ги презентиравме денес говорат дека тие работат со материјална опрема која е неколку нивоа пониска од таа која што е пропишана во соодветните правилници.

Денешниов прес дава информации на прашањето зошто полициските службеници носат чизми кои се неквалитетни, а и посочува на сериозно злоупотреби кои Оливер Спасовски и луѓето поставени од него, по негова насока ги направиле во МВР.

Погоренаведените информации даваат одговор на сите прашања кои полициските синдикати ги отворија во минатото, а се поврзани со лошата и неквалитетна опрема со која работат полициските службеници.  Но, и даваат одговор на дилемите кај граѓаните за нивниот изглед и нивната униформираност.

На крајот го прашувам Оливер Спасовски дали под терминот „подигнување на стандардот“ и наводната грижа за полицајците во суштина се крие непочитување на законските процедури и спроведување на постапки кои се спротивни со законот.

Воедно сакам да ја информирам јавноста дека сите овие аргументи кои погоре ги споменав говорат за уште едно грубо  кршење на законските прописи, подзаконските акти и процедури во министерството за внатрешни работи и во таа насока ја информирам јавноста дека врз основа на сето ова од страна на Оддел за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди e доставен соодветен поднесок до ОЈО за гонење на организиран и корупција, за што по добивање на дополнителни насоки од ОЈО ќе бидат превземени содветни мерки. Во оваа прилика го повикувам ОЈО веднаш да постапи по поднесокот доставен од страна на Министерството за внатрешни работи.

 

Треба да знаете
Последни објави