„Високиот претставник е подлец, се обидува да подметне одлуки и закони настрана од Дејтон“, изјави спрскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, на посебната седница на Народното собрание на Република Српска, на кое се расправаше за кризата во БиХ предизвикана од спорните одлуки на Уставниот суд на БиХ.
Додик го почна обраќањето со: Goodbye BiH, welcome RS-exit („Збогум, Босно, добредојде РС-егзит!“)
Тој посочи дека Собрнието е клучно место на сите одлуки и дека само тоа може да зборува од име на народот.
„Затоа, не смееме да се двоумиме да донесеме одлуки важни за нашата иднина. Овој пат сме сериозни и нема да прифатиме некое друго движење“, рече Додик.
Тој истакна дека Република Српска и српскиот народ немаат шанса во БиХ зашто ги сметаат како категорија што Сараево и Бошњаците не ја прифаќаат, ја мразат и сакаат да ја уништат. Додик посочи дека денешната посебна седница била закажана зашто српскиот народ е измамен.
„Се обидуваат да нè направат помалку вредни мислејќи дека само тие знаат што е добро за нас. Сè е веќе кажано за Уставниот суд. Овој пат тој суд отиде подалеку и си даде право да носи одлуки и да префрла имот на БиХ, а тоа не ѝ припаѓа,“ рече тој.