По донесувањето на Законот за јавно обвинителство, што беше поздравено од претставниците на меѓународната заедница, во домашната јавност остануваат поделени мислењата за постапката во која беше донесен, но и што треба да овозможи. За претставниците на власта тоа е еден чекор напред во реформските процеси, но и во создавањето услови за правна држава и еднаквост на сите пред законите. За претставниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува спорна постапката за негово донесување, поради тоа што имаше едно поништено гласање, а брзањето за донесување, според партијата е обид за спас на власта од направените криминали.
Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера изјави дека Законот за јавно обвинителство е донесен во соодветна процедура и оти поради реакцијата на пратеници дека не им регистрирано гласањето, го поништил и овозможил повторување на гласањето, додека за измените и дополнувања на Законот за советот за јавни обвинители.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во говорот пред присутните граѓани на маршот „Чекориме за правда”, што се одржа пред комплексот судови во Скопје, рече дека со донесување на Законот за јавното обвинителство е отворено ново поглавје во реформите на правосудствово.
– Огромно мнозинство пратеници застана зад Законот за ЈО кое е темел на градењето силна независна и ефикасна правна држава. Зад него застанаа 80 пратеници, зад него застанаа и граѓаните и стручната јавност, зад него застанаа нашите пријатели од ЕУ и САД. Со овој закон
гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО. Сите предмети имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки за што
основни индиции беа прислушуваните разговори односно бомбите”, рече поранешниот премиер Зоран Заев.
Тој уште истакна дека нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за овие случаи. Секој што го прекршил законот, според Заев ќе се соочи со одговорноста, односно секој што допрва ќе го прекрши законот ќе се соочи од одговорноста.
Партијата чиј претседател е тој, смета дека со донесувањето на Законот, продолжуваат заложбите за неселективна правда и правна држава.
-Законот гарантира независен правосуден систем, но и одговорност и казнивост за сите што прекршиле закон. Тоа е една од основите за напредок на државата кон Европската Унија. Oгромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Нивната намера да го амнестираат партискиот криминал пропадна. Не успеа обидот на извршителот Христијан Мицкоски да го спаси од одговорност неговиот шеф Никола Груевски, велат од СДСМ.
ОД ВМРО-ДПМНЕ, пак, најавија дека експертски тим на партијата ја анализира ситуацијата со носењето на законите за јавно обвинителство и за Советот за јавни обвинители по што ќе излезе со конкретна информација за нивното неделовничко носење.
-Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден по гласањето во Собранието реагираше за носењето на законите конкретно и поточно за советот за јавни обвинители. Во тој дел нашите правни експерти, правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ разгледува секакви можности, ја анализира ситуацијата и веднаш потоа ќе излезе со конкретен податок, односно со претставка која што ќе биде поднесена до надлежните институции за носењето на овој закон односно за неделовничкото носење на овој закон така што, веднаш штом излезат со својата анализа ќе се поднесат и претставки до соодветните институции, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку е правнички издржано, потенцираат оттаму, ќе биде поднесена претставка и до Уставниот суд.
Усвојувањето на Законот за јавното обвинителство го поздравија ЕУ, САД и НАТО.