– Визуелно патување низ прекрасни фотографии кои ја отсликуваат убавината, културата и историјата на нашата земја. Вака директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски денеска ја најави новата алатка со која македонските туристички потенцијали ќе се презентираат преку социјалните мрежи и медиуми.
Станува збор за фото албум што ќе се креира во текот на целата година и во кој може да учествува секој. Фотографии од најразлични места, предели, традиционални настани и манифестации, луѓе, храна и историја ќе се поставуваат на веб страницата на Агенцијата под одреден, специфичен (карактеристичен) хаштаг активен на Инстаграм.
Идејата е, рече директорот, да се следи трендот и во привлекувањето на странските туристи да се опфатат сите генерации, од 18 години нагоре.
Главниот # (хаштаг) кој ќе биде водечки и препознатлив е #onlyiNMacedonia, додека дополнителните што ќе го следат се: #TraveliNMacedonia, #captureiNMacedonia, #natureiNMacedonia, #CaptureiNMacedonia, #discovernorthmacedonia. Хаштазите на Инстаграм и на останатите социјални медиуми ќе бидат активни од 19 февруари до 1 декември 2020.
На крајот од годината ќе се креира и ќе биде издадена фото-брошура која понатаму, туристичките работници ќе ја носат на странските саеми.
-Почнува новата ера и новиот пристап во промоцијата на македонскиот туризам. Ќе се фокусираме на неколку предизвици за да го зголемиме бројот на слободни патувачи. Новите форми на промоција значат и привлекување нови патувачи. Ги следиме трендовите и на новите генерации им овозможуваме поинакво запознавање со убавините на нашата земја, рече Јаневски на прес-конференција.
Целта на овој проект, за кој се издвоени 100.000 денари, е земјава да добие поголема видливост и да се привлече поголема публика која ќе помогне за дополнително категоризирање на туристичките содржини, продукти и дестинации.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со новиот модел на субвенционирање, Јаневски објасни дека предлага повисока поддршка за тур-операторите кои ќе донесат туристи во хотели со пет ѕвезди. Оттука надолу, според него, треба да оди градацијата.
Поддршка, смета, треба да има и приватното сместување, но многу помала и според инвестициите и категоризацијата.
-Треба да има субвенции кои ќе ги мотивираат тур-операторите и во и вон сезона. Се надеваме дека во 2020 година ќе создадеме нов, одржлив модел на субвенционирање што ќе се ревидира на секои три години согласно потребите и движењата во секторот. Се размислува во наредните три месеци да се создадае и модел за субвенционирање на руралното сместување, односно еко туризмот зашто тука треба да се гледаат потенцијалите, особено ако има мораториуми за градба во Охрид, истакна директорот.
Трендот на сé поголемите патувања на македонските туристи во зимските ценатри во регионот наместо во домашните, Јаневски ја објасни со слабата конкурентност.
-Нашите туристички центри треба да бидат конкурентни во регионот. Во овој момент не се и затоа нашите туристи одат во Банско, Боровец, Пампорово, Копаоник, Златибор. Само осум отсто од нашите туристички агенции и тур-оператори ја нудат нашата земја 12 месеци, а цело време можеме да бидеме атрактивна дестинација. Максимално сме сконцентирани на „аутгоинг” за разлика од „инкаминг”, нагласи Јаневски.
Сепак, дополни, туризмот оди во нагорна линија и годишно индиректно инкасира околу милијарда долари девизен прилив. Зголемен е и просекот на задржување на туристите, од 2,66 дена во почетокот на 2018 година, на 2,9 дена. Броиме и 3,2 милиона ноќевања, како и нешто повеќе од 1,2 милиони туристи.
-Неопходни ни се стратегија, јавни-приватни партнерства, прилагодена законска регулатива и одржливост. Мора да создаваме атракции за да остануваат туристите ден повеќе, заклучи директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски.