Заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар и дополнителната заменик-министерка, Санела Шкријељ заедно со градоначалникот на Центар Жупа, Аријан Ибраим и директорот на Центарот за социјална работа, Крешник Пачуку ја посетија канцеларијатa за социјални работи во општината.
„За граѓаните е важно што услугите од социјална заштита можат да ги добијат во местото каде што живеат. Канцеларијата во Центар Жупа е дел од мрежата канцеларии на чие отворање работевме заедно со општините во изминатите две и пол години. Ова е уште една од активностите насочени кон прилагодување на системот на социјална заштита на потребите на граѓаните. Сите граѓани имаат право на едноставен и достапен начин да побараат и добијат социјална помош или било кое друго право од системот на социјална заштита. Со социјалната реформа го променивме пристапот кон граѓаните и покажавме грижа за секој граѓанин подеднакво”, рече Шкријељ.
Според градоначалникот Ибраим, за рурални општини како Центар Жупа многу е полесно за граѓаните кога канцелариите за социјални работи се што поблиску до нив и не мораат да патуваат до Дебар за да остварат права од социјална заштита.
Во општината Центар Жупа функционира и Центарот за ран детски развој, во дел од објектот на основното училиште ,,Мустафа Кемал Ататурк“. Заменик министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар посочи дека Центарот врши згрижувачка и воспитно-образовна дејност за 20 деца на возраст од три до шест години.
“Фокусот е на децата. Како Министерство за труд и социјална политика се заложивме што повеќе деца да бидат вклучени во градинки и центри за ран детски развој. Градинките не се само место каде децата се згрижуваат, тие се важен чинител во социјализацијата и едукацијата на децата. Ќе продолжиме со инвестирање во градинки и центри за ран детски развој, секаде каде има потреба“, нагласи Бајрактар.