Лидерот на Нова партија (НС) и поранешен српски премиер, Зоран Живковиќ, изјави денеска дека е очигледно дека министерот за одбрана, Александар Вулин, незаконски упаднал во имејл преписката на весникот „Неделник” и поранешниот министер за одбрана, Драган Шутановац, и дека поради таквите работи „мора да лета од позицијата”.
-Во овој случај имаме дивеење на Вулин и негова злоупотреба на безбедносните служби, рече Жиковиќ на прес-конференција во српскиот Парламент, наведувајќи дека одговорните мора да бидат најстрого казнети.
Тој додаде дека после ова откритие следел „циркус”, бидејќи Вулин најавил дека ќе поднесе пријава за да се испита дали нелегално дошол во посед на имејл преписката.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, опозициските медиуми и политичари деновиве ја коментираат веста објавена од Танјуг на Министерството за одбрана и министерот Вулин на авторскиот текст на Драган Шутановац, кој никогаш не бил објавен, туку се наоѓал заедно со преписката на Шутановац на мејлот на главниот уредник на „Неделник”.
Во изјава дадена за весникот „Данас” уредникот на „Неделник”, Вељко Лалиќ, изјави дека „среќна околност е што министерството на Вулин вака несмасно се има заплеткано во необјавен текст што останал на неговиот имејл” и оцени дека „тој нема дилема дека власта ги прислушкува новинарите и уредниците на независните медиуми, особено во комуникацијата со преставници на опозицијата”.