Меѓународниот ден на батеријата денеска беше одбележан пред трговскиот центар „Капитол мол“ под мотото „Да бидеме одговорни денес за подобра иднина утре!“ На настанот се вклучија учениците и наставниците од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“, кои преку креативна ликовна работилница и со своите идеи дадоа свој придонес во зголемувањето на свеста за заштита на животната средина и управувањето со токсичниот отпад. Исто така, во рамките на настанот се одржа и екотрка за најмладите.
Учениците добија мали садови за собирање батерии со информации за штетноста на отпадните батерии, како и информација за еколинијата на која се пријавува електричен и електронски отпад. Здружението „Нула отпад“ бесплатно го презема отпадот од домовите на граѓаните.
Ваквите еконастани имаат големо значење и се дел од мерките за заштита на животната средина. Преку нив граѓаните се информираат и се праќа апел за неопходноста од селекција на е-отпадот во посебни канти наменети исклучиво за овој тип отпад.