Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека Србија не би преживеала нова војна, поради што мора да се залага за разговори кога станува збор за решавање на косовското прашање, јави дописникот на МИА од Белград.
На изјавата на американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, дека не ја исклучува можноста за размена на територии и дека Белград и Приштина треба да се договорат за параметрите, српскиот претседател изјави дека тој самиот се залагал за потребата за косовското прашање да разговараат Белград и Приштина.
-Отсекогаш сум го кажувал тоа, но се плашам дека нема ништо од тоа ние самостојно да зборуваме, оцени денеска Вучиќ, додавајќи дека „секогаш кога се мешаат големите западни сили, сите ќе бараат половина од Србија, а наше е да се спротивставиме на тоа, кажа тој при обиколката на Клиниката за инфективни и тропски болести во Белград.
-Затоа, повторувам, треба да се разговара. Понекогаш разговарате затоа што сакате компромис, понекогаш дури и кога ќе видите дека е невозможно, па купувате време … Како ќе им кажете на Германците и Французите дека немаме за што да разговараме? На Американците, Русите, Кинезите …, кажа Вучиќ .
Тој на новинарите им постави прашање: „Можете ли да ја замислите нашата ситуација да не разговараме, како ќе ни опстане народот на Косово, постои ли алтернатива? Само војната е алтернатива и тоа не го сакаме, кажа Вучиќ, истакнувајќи дека на Србија не и се потребни конфликти.
„Нас ни требаат децении мир, затоа што тоа е единствениот начин да имаме нови клиники низ цела Србија. Ние тоа не би го преживеале органски. После балканските војни, Првата и Втората светска војна, судирите во деведесеттите … ние тоа не би го преживеале. Потребна ни е интелигентна политика, кажа Вучиќ.