Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Брисел оствари средба на премиерот, Оливер Спасовски, на која кажа дека НАТО се подготвуваат за церемонијата за прием на земјата во алијансата со што ќе се заокружи процесот како резултат на исполнетите критериуми и стандарди на Северна Македонија за членка на Северноатлантскиот сојуз кои понатаму само ќе се унапредуваат.
Столтенберг ја честиташе ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието и пред гостите ги покажа местата каде што се планира да бидат поставени обележјата, знамето и плочката со името на нашата земја, на свечената церемонија за прием во полноправно членство во алијансата.
Премиерот Спасовски на средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, се заблагодари за средбата и за поддршката што НАТО, нејзините земји членки, и посебно генералниот секретар Столтенберг ја даваа за цело време во периодот на пристапувањето на Северна Македонија во членство во северно-атлантскиот сојуз.
Спасовски потенцираше дека земјата е во постојано имплементирање на реформите и дека во таа насока е и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство во Собранието, со што се создадени сите предуслови за борба против организираниот криминал и високата корупција, како стратешка определба за владеење на правото.
Северна Македонија, подвлече Спасовски, останува на ставот за целосно исполнување на обврските од договорите со Грција и Бугарија и во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи, како и на поддршката на соседните земји кои имаат исти цели како и нашата земја – членство во НАТО и ЕУ.
Премиерот истакна дека Северна Македонија ги усвои Законот за одбрана и Законот за служба во армијата со што се комплетирани обврските на нашата земја за исполнување на обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.
Спасовски рече дека граѓаните на Северна Македонија наскоро ќе дочекаат и добра вест од институциите на ЕУ за почеток на преговорите за членство во унијата.