Од Европската комисија се сè појасни сигналите дека Северна Македонија го исполни сè она што од неа се бараше и дека земјата одговори на сите барања што се наведуваа во извештаите на ЕК, со што се отвора патот за отпочнување преговори за членство и пред Самитот на ЕУ во Загреб во мај.
Европската комисија вчера го повтори ставот дека преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да започнат што е можно поскоро со оглед дека ги исполнија условите. Брисел се надева дека овој чекор може да се случи пред Самитот на ЕУ и Западен Балкан, во мај во Загреб.
Портпаролката на еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Ана Писонеро, вчера истакна дека Комисијата смета дека двете земји ги исполнуваат критериумите за отпочнување на разговорите, кои беа блокирани од неколку европски земји предводени од Париз.
– Ние сме подготвени. Се надеваме дека тоа може да се случи пред Самитот во Загреб, но не може да предвидиме како ќе се однесуваат земјите членки, додаде Писонеро запрашана дали Франција ќе го подигне ветото за почеток на преговорите со двете земји.
Извештајот за напредокот на Северна Македонија и Албанија се очекува до 4 март, а идејата е Европската комисија да излезе со него кога сите земји членки ќе бидат позитивни за давање зелено светло за датум за почеток на преговорите со Унијата, потврдија во понеделникот за МИА дипломатски извори од Брисел. Извештајот треба да биде усвоен на состанокот на еврокомесарите, кои имаат средба в среда, 4 март.