Нејмар со критики кон ПСЖ за начинот на рехабилитација по повредата во пределот на градниот кош. Бразилецот е убеден дека требало порано да почне да игра со цел навреме да биде физички подготвен за натпреварите во Лигата на шампиони.
Ваквиот негов став доаѓа по нецели 24 часа од синоќешниот пораз од Борусија во Дортмунд во првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампиони.
„Не замислував вакво враќање на терен. Ги пропуштив последните четири меча што беше одлука на клупските доктори. Морав да го прифатам тоа, иако не ми се допаѓаше. Главниот збор го има клубот, меѓутоа лошо се одрази на мене и моите соиграчи. Имав напукнато ребро, но тоа не беше причина да не играм против Олимпик Лион”, коментира Нејмар.
ПСЖ реши да го одложи враќањето на Нејмар на терен поради страв дека во средина на сезоната се повредуваше и во изминатите две години.
„Го разбирам тоа, но ако се вратев порано, ќе бев во подобра форма и сигурно ќе одиграв подобро во Дортмунд”, додаде Бразилецот.