Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска најави дека доколку државниот јавен обвинител Дражен Јелениќ не поднесе оставка, Владата на утрешната седница ќе му предложи на Парламентот да го смени.
– Ставот на Владата е дека е најсоодветно Јелениќ сам да си поднесе оставка, со оглед на тоа што настана ваква невообичаена околност. Се разбира, доколку не го стори тоа, Владата утре на седница ќе донесе одлука, рече Пленковиќ.
Тој додаде дека Јелениќ при назначувањето пред две години не го известил ниту него, ниту министерот за правда дека е член на масонска ложа и истакна дека, доколку се знаеше тоа, тој немаше да биде назначен.
И хрватскиот министер за правда Дражен Бошњаковиќ претходно изјави дека очекува брза оставка од Јелениќ, откако обвинителот кажа дека е член на масонска организација.
Министерот за ова веќе разговарал со обвинителот и му пренел дека очекува сам да се повлече од функцијата, јави дописникот на МИА. Доколку Јелениќ не се повлече, тогаш ќе реагира Владата, најави Бошњаковиќ и додаде дека хрватската Влада сака ова прашање да го реши брзо.
Според министерот, членството во организации не е забрането, но членството во масонска организација претставува потенцијален ризик, бидејќи делувањето на масонските ложи е тајно.
– Не сакам да кажам дека некои одлуки се донесени под влијание на членството во таква организација, но самото членство создава потенцијален ризик, изјави министерот Бошњаковиќ.
Државниот јавен обвинител Јелениќ јавно кажа дека е масон. Тој тврди дека докторот Никица Габриќ, кој исто така бил масон, се обидел да влијае врз текот на истрагата против тројца новинари, кои наводно го уценувале, барајќи од него 200.000 куни, доколку не сака да бидат објавени фотографии од церемонија на масонската ложа не која тој припаѓал.
Под сомнение дека извршиле обид за изнудување, во петокот полицијата во Загреб уапси тројца новинари.