Вршителот на должноста министер за надворешни работи на Албанија Гент Цакај престојува денеска во еднодневна посета на Косово, каде што со неговиот хомолог Глаук Коњуфца разговараше за заложбите на двете влади за натамошно проширување на сестраната соработка, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи се на новинарите по средбата, Цакај изрази задоволство што доаѓа во Косово во период кога се формира новата влада и дека намерата му е да даде нов импулс на развојот на односите меѓу двете земји.
Заблагодарувајќи се на Косово за несебичната помош по земјотресите што на крајот на ноември ја погодија Албанија, Цакај рече дека границата меѓу двете држави е само симболична и дека треба целосно да се укине.
– Трагедијата покажа уште еднаш дека границата која ги дели двете земји е симболична и дека соработката треба да се продлабочува неизбежно. Границата меѓу Косово и Албанија не треба воопшто да постои, треба веднаш да се укине и нашите две земји треба да уживаат неограничена слобода на движење, изјави Цакај.
Шефот на косовската дипломатија, Коњуфца, рече дека односите на Косово со Албанија се братски, односно повеќе од „тесни, пријателски или институционални”.
– Не можеме едноставно да ги опишеме со зборовите тесни, пријателски или институционални, или пак едноставно одлични. Тоа се односи кои се над сето тоа – братски. Ние едни кон други имаме многу повеќе обврски отколку благодарности. Сметам дека е направено многу работа досега, но просторот за продлабочување на нашите односи е секогаш отворен, изјави Коњуфца.
Тој забележа дека економските односи меѓу двете земји треба да се поправат и дека извозот од Косово кон Албанија е несразмерно понизок од оној во обратната насока, нарочито по воведувањето на косовската такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
– Што се однесува до нашите економски и трговски односи, мислам дека тие треба да се подобрат. Од кога претходната влада на (Рамуш) Харадинај ја воведе таксата кон Србија, трговската размена, што се однесува на Албанија во правец на Косово се зголеми за 300 отсто, но истото не се случи и со размената од Косово во правец на Албанија. Оваа состојба треба да се подобри, изјави Коњуфца.
Шефовите на дипломатиите на двете земји изјавија дека разговарале и за повеќе други прашања од билатералната соработка, меѓу кои и за зголемување на бројката на заеднички амбасади на двете држави во светот. Тие ја најавија и заедничката седница на двете влади, кој наскоро треба да се одржи во албанскиот град Скадар.
По средбата со Коњуфца, Цакај замина на состанок со претседателот на Косово Хашим Тачи, а потоа ќе се сретне и со претседателката на Собранието Вјоса Османи.