Косовскиот претседател Хашим Тачи го прими денеска министерот за надворешни работи на Албанија Гент Цакај, кому се заблагодари за, како што рече, афирмацијата на Косово секаде каде што ја претставува Албанија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според Тачи, шефот на албанската дипломатија „ѝ даде нов дух на консолидацијата на Косово, секаде каде што Албанија учествува”. Тој се заложи за координација на дејствувањата на Приштина и Тирана на меѓународен план и воедно им се заблагодари на Цакај и на албанскиот премиер Еди Рама за единствениот став во однос на Косово.
– И сега во процесот на консолидација на нашата држава, на зачленувањето на Косово во меѓународни организации и нови признавања, потребна е координација меѓу Приштина и Тирана. Сметам дека Цакај ѝ даде нов дух на консолидацијата на Косово, секаде, во секоја инстанца каде што Албанија учествува. Од името на народот и на институциите на Косово и од мое лично име ви се заблагодарувам вам г. министер и на премиерот Рама, за тоа што имате единствен став за Косово, изјави Тачи.
Цакај, кој е по потекло од Косово, изјави дека, иако е ова негова прва официјална посета на Приштина како шеф на албанската дипломатија, Косово била една од првите негови задачи откако стапил на таа должност.
Тој, како и на средбата што порано денеска ја имаше со косовскиот министер за надворешни работи Глаук Коњуфца, ја повтори заложбата за укинување на границата меѓу двете држави.
– Косово и Албанија имаат една симболична граница која воопшто не треба да постои меѓу нив. Ние сме подготвени да започнеме со укинување на границата. Ова повеќе треба да биде прашање на договори на техничко ниво одошто политичко прашање, изјави Цакај.
Освен со Тачи и Коњуфца, за време на еднодневната посета на Приштина, Цакај се сретна и со претседателката на косовското Собрание, а беше примен и од премиерот Албин Курти.