Словенечкиот премиер во оставка Марјан Шарерц реагираше за вчерашната вонредна контрола врз Националното биро за истраги, која ја направија неколку членови на Комисијата за надзор врз разузнавачките и безбедносните служби (КНОБС) и ја опиша како дефокусирање од независната истрага за унгарските пари во Словенија.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, Шарец преку фејсбук порача дека се работи за обична злоупотреба на КНОБС за политички цели.
– Независните институции го испитуваат влезот на унгарските пари, а знаеме сите од каде влегуваат, па сега се прави обид да се направи дефокусирање од таа истрага – напиша Шарец.
На контролата на КНОБС врз словенечката полиција со цел откривање на наводни злоупотреби, реагираше и Дамир Чрнчец кој е државен секретар во кабинетот на премиерот во оставка.
– Вчерашното лансирање на лажни вести за наводна масовна шпионажа и злоупотребата на Комисијата за надзор врз разузнавачките и безбедносните служби од страна на пратениците на партијата на Јанша, само ни покажува само колку Словенија е блиску од авторитаризам – се наведува во реакцијата на Чрнчец.
Овие случувања и вонредниот надзор врз полицијата доаѓаат по веста дека државата започнува истрага по информациите за унгарско финансирање на медиуми блиски до Јанша, но и неговата партија.