Нуклеарната централа Фесенхајм, која се наоѓа на границата со Германија, ќе биде затворена на крајот на јуни, а еден од реакторите ќе биде затворен во текот на викендот, изјави францускиот премиер Едуард Филип.
Во изјавата на Кабинетот на премиерот се наведува дека ова е прва фаза од енергетската стратегија на Франција за 2018 година, претставена од претседателот Емануел Макрон. Планот на Макрон повикува на враќање на рамнотежата на произведената нуклеарна и на електричната енергија добиена од обновливи извори.
Кабинетот потсетува дека електраните со јаглен ќе бидат затворени до 2022 година. Во соопштението се вели дека реакторот број еден ќе биде затворен на 22 февруари и дека целиот комплекс ќе престане со работа на 30 јуни, објави АП.
Германија долго време бараше затворање на електраната Фесенхајм, која е најстарата електрана во Франција. Фесенхајм ќе биде првиот нуклеарен комплекс што ќе биде затворен според планот на Макрон.