Граѓаните заслужуваат да се води позитивна кампања со натпревар на економски проекти и идеи, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев при попладневната посета на Регионалната стопанска комора во Прилеп.
Заев вели дека нема црна кампања, одговарајќи на новинарско прашање во врска со обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за наводна „црна” кампања во медиумите и дека не се почитувале принципите на Пржинската влада.
-Црна кампања не може да има зашто нема кампања во електронските медиуми и е забранета. Веројатно на социјалните мрежи. Сите се на социјалните мрежи и не верувам дека некој може да стави контрола за каков бил коментар, постирање фотографија или видео. Сакам мојата земја да има позитивна кампања. Да има натпревар на економски проекти, идеи, на нешто што ќе значи благодет за граѓаните. Очекувам да се води таква кампања, а тоа го заслужуваат граѓаните да го добијат – позитивна кампања. Тоа треба да го испорачаат политичарите и политичките партии преку кандидатските листи и програмите, изјави Заев во Прилеп.