Тимот којшто работи на зачувување на балканскиот рис од Македонското еколошко друштво (МЕД) со помош на кафез-замка залови нова единка од реткиот балкански рис во месноста Буковиќ, близу Стража.
Се работи за здрава женка, веројатно на возраст од 2–3 години, тешка 15 килограми. По фаќањето на рисицата во кафез-замката се презедоа стандардни процедури и мерења за утврдување на здравствената состојба на единката. За време на постапката, присуствуваа претставник од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и ловџии од ловното друштво „Сокол-З“ од с. Зајас. Потоа рисицата е пуштена на слобода.
„Ова е втора рисица (по Маја, што ја следевме во 2017 и 2018 година) што ќе носи околувратник и ќе биде пратена со методот на радиотелеметрија и GPS-следење. Со ова го збогатуваме нашето знаење за распространувањето на рисот, и за неговите потреби од храна и живеалиште. Рисицата претходно беше снимена лани на истиот локалитет со помош на фотозамки. Таа засега е во добра состојба, а тоа го потврдуваат и првите податоци со помош на следење GPS-сигнал, кои ни го открија и нејзиниот прв плен по обележувањето – срндак уловен пред 4–5 дена. Честа да ја именуваат рисицата им припадна на ЛД „Сокол-З“, кои одлучија оваа убавица да ја крстат Нарциса. Нарциса, ти посакуваме богат плен и голем пород!“, изјави Диме Меловски, од Македонско еколошко друштво.
Од 2010 година па наваму, МЕД има заловено и ставено околувратник на вкупно осум единки рис, со кои стекнавме вредни податоци за однесувањето на ова таинствено животно коишто ни даваат податоци за нивно правилно зачувување.
На Балканот се проценува дека има уште 40 возрасни единки на балкански рис, којшто според Меѓународната унија за зачувување на природа (IUCN) е животно со критично загрозен статус.