Зоран и Вице Заев два дена бегаат од одговорите што разговарале со осомничените во случајот „Рекет“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на прес-конференција.
„Се потврдува она за кое што имавме индиции пред два дена. Практично немаме друга европска држава во која што премиер се гледа со главни осомничени во најголем корупциски скандал во државата. Во ниту една друга европска држава братот на премиерот не остварува координација со главни осомничени во најголемиот корупциски скандал во државата. Од сега па натаму „Рекет“ не е изолиран случај или системски пропуст, како што сакаше власта да го објасни, туку станува државен рекет каде што премиерот и неговиот брат се вмешани“, рече Николоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Зоран Заев и Вице Заев остварувале средби и се координирале со Катица Јанева и веќе осудениот за „Рекет“, Зоран Милевски Кичеец.
„Два дена имаме целосен молк од Зоран Заев и Вице Заев. Не објаснуваат што зборувал Зоран Заев на средбата со Катица Јанева во август. Откако веќе на целата македонска јавност и беше познато за случајот „Рекет“ и беа објавени во јавноста снимките во кои што се гледа торбата Луј Витон. И што правел во текот на месеците јуни и јули братот на премиерот Вице Заев заедно со Зоран Милески Кичеец. Ако е вистина дека Зоран Заев го пријавил прв случајот како тогаш се гледал тој и неговиот брат со главните осомничени во случајот во кој што тој прв го пријавил? Два дена има свесно одбегнување на одговори и креирање на лажни вести, проѕирни спинови само за да се одбегне одговорот на прашањето што барала Катица Јанева на средба со Зоран Заев? И што барал Зоран Милески Кичеец веќе осуден на средба со Вице Заев?“, праша Николоски.
Тој нагласи дека постои јасна потврда од МВР оти осомничените лица во случајот „Рекет“ биле под целосен надзор и тоа видео, фото и аудио, па јасно се поставува прашањето зошто во судот не се презентираат тонските записи од разговорите кои што овие лица ги правеле.