Црната кутија од украинскиот патнички авион што иранската противвоздушна одбрана го урна по грешка во јануари годинава, Иран нема намера да ја предаде на ниту една друга земја и покрај надворешните притисоци, соопшти официјален Техеран.
Канадскиот премиер Џастин Трудо минатата недела изјави дека е „импресиониран” од изјавата на иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф дека мора да се заврши до крај целосна и комплетна истрага за трагичната несреќа.
Најголем број настрадани патници од украинскиот авион беа Канаѓани и Иранци со двојно државјанство кое Иран не го признава.
– Имаме право сами да ја анализираме црната кутија и да ги контролираме сите истражни постапки, нагласи Зариф.
Во меѓувреме, иранскиот министер за одбрана Амир Хатами изјави дека кутијата претрпела „сериозни оштетувања” и дека од стручњаците од воениот комплекс е побарано да се оспособи за анализа на податоците за летот на украинскиот авион.
Сите 175 патници и членови на екипажот загинаа кога противвоздушната одбрана на елитната Револуционерна гарда на Иран по грешка истрела ракета земја-воздух на тој патнички авион, претпоставувајќи дека станува збор за непријателски авион.
Иранскиот министер за надворешни работи Зариф тврди дека Иран, сепак, е во контакт со други земји во врска со истрагата, особено со Украина.