На денешното рочиште за случајот „Рекет“, на кое се врши сослушување на сведоците на Бојан Јовановски – Боки 13, прв сведочеше адвокатот Васил Димишков.
Бранителот на Јовановски, Сашо Дуковски го праша сведокот дали и кога имал контакти со Владимир Ефтимоски, претседател на Управниот одбор на Стопанска банка А.Д. Битола.
-Владимир Ефтимовски е директор на Стопанска банка Битола, а на оваа банка јас сум им адвокат веќе со години. Контактите со Ефтимов се однесувале во врска со предмети кои ги имала банката, изјави Димишков..
– Во август лани банката имаше еден предмет за измама. Ми беше кажано дека за тој предмет со мене ќе сака да се види и Орце Камчев. Тој на телефонот ми покажа снимени документи на кој пишуваше Наредба, а под нив беше потпишана судијката Весна Димишкова, односно мојата сестра. Тој ми кажа дека има тим од адвокати и дека сака и мене да ме вклучи. Ме праша колку ќе треба да ми плати на што јас му реков дека прво ќе треба да ми каже за што точно ќе бидам ангажиран. Иако ми рече дека ќе ме побара, тоа не се случи – изјави сведокот Димишков.