„Куќата на љубовниците”, едно од најпознатите зданија во древниот римски град Помпеја, се отвора за јавноста по 40 години, објави италијанскиот министер за култура, Дарио Франческини.
Куќата на љубовниците (Casa degli Amanti) е откриена 1933., но тешко настрада во земјотрес 1980 година. Последниве години беше подложена на обемна и сеопфатна обнова.
Куќата е изградена во првиот век пред Христа. Објектот се опишува како „единствен скапоцен камен” на градот којшто настрадал во ерупција на Везув 79 година од нашата ера, и е единствен со речиси целосно сочуван втор кат. Се верува дека тоа било јавна куќа. Украсена е со бројни слики по ѕидовите.
Своето име, куќата го добла според натписот на латински јазик над влезот: „Amantes, ut apes, vitam melitam exigunt”, што значи – „Љубовниците, како пчели водат меден живот”.
…Под тоа, еден од жителите на Помпеја, или посетител, сепак, допишал: „Барем да беше така”.
Куќата на љубовниците е во процес на обнова со уште две други – „Куќата на бродот Европа” (Casa della Nave Europa) и „Куќата на овошјето” (Casa del Frutteto).