Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски се сретна со Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации во нашата држава. На средбата е истакната добрата соработка на ОН и Република Северна Македонија во делот на посветеноста кон 17-те цели за одржлив развој и Агендата 30 на ОН. Оценето е дека нашата држава, во историските моменти во коишто се наоѓа со очекувањата за полноправно членство во НАТО и исчекор во евроинтеграциите, покажува одговорен однос кон важните прашања кон коишто се фокусирани, како ОН така и ЕУ.
Констатирана е јасна политичка волја од нашата држава кон исполнувањето на Целите за одржлив развој поставени од ОН, што се гледа во Волонтерскиот национален преглед што за прв пат го подготвува нашата држава, со јасен и широк опис на досегашните постигнувања во сите 17 области, а којшто ќе биде претставен на Политичкиот форум на високо ниво во Њујорк годинава.
Премиерот Спасовски се заблагодари на ОН за принципиелната помош од светската организација преку сите нејзини агенции и преку програмите на организацијата, во подготовката на Волонтерскиот национален преглед, но и во конкретната поддршка на делот на заштитата на животната средина и социјалната инклузија.
-Како земја којашто ја заокружува стратешката цел за членство во НАТО и којашто очекува напредок во евроинтеграциите, откако ги завршивме сите преземени обврски што се очекуваа од нас, продолжуваме со определбата да даваме аргументи дека сме и ќе бидеме кредибилен партнер на НАТО и на ЕУ, но на ОН и на целиот демократски свет, во конструктивното справување со сите актуелни предизвици, рече премиерот Спасовски. Тој ги нагласи посебно чекорите што се преземаат во делот на заштитата на Охридското езеро, со завршувањето, во скоро време, на комплетната санација на колекторскиот систем на езерото, што се спроведува за прв пат по неговата изградба во 1980 година како и на стратешкиот проект за пренасочување на реката Сатеска, со поддршка на УНДП, со што се решава деценискиот проблем со загадувањето на Охридското езеро. На состанокот е разговарано и за заедничката определба за справувањето со тероризмот и насилниот екстремизам, како и во делот на превенцијата и ресоцијализацијата.
Договорено е да продолжи соработката во сите области во коишто ОН и УНДП можат да помогнат со експертизи за важните прашања на државен и на меѓународен план.
Договорено е да продолжи соработката во сите области во коишто ОН и УНДП можат да помогнат со експертизи за важните прашања на државен и на меѓународен план.