Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на свеченоста по повод одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик – 21февруари, што се одржа во Институтот за македонски јазик.
-Ми причинува особено задоволство што денеска, на меѓународниот ден посветен на мајчиниот јазик можам да се обратам во оваа наша значајна научна институција и решив во ова мое кратко обраќање да потсетам на зборовите на тројца наши мајстори на зборот. Морам да признаам дека бев во недоумица како да го започнам говорот, пред овој, пред се, научен аудиториум. И искрено, тешко е да се зборува за јазикот во време кога честопати ја слушаме неговата опачина – кажа Шилегов.
Тој додаде дека има чувство како во минатото, кога нашиот јазик се уште не бил кодифициран, имало поголема грижа за него, а ако некој си поставува прашање од кого е најмногу загрозен нашиот јазик, тој посочи дека станува збор за нас самите.
-Тука ќе го парафразирам и големиот Петре М. Андреевски кој вели дека: „Предавството на јазикот е предавство и на нашите родители, но и на нашите деца.“За зборовите на мајчиниот јазик сите ние сме дознале многу одамна пред да осознаеме дека постојат и зборови од други јазици. Затоа довербата во сопствениот јазик е најсигурната доверба. Или како што вели Анте Поповски: Јазиците се бајрак на потчинетите народи, јас би додал: и на малите народи. Тие преку јазикот ги искажуваат своите стремежи и за нив јазикот е оружје против туѓото ропство. Ете токму јазикот бил и нашето оружје, нашиот постојан бедем, но и нашата колективна меморија. Или како што мудро рекол Конески: Јазикот е наша идеална татковина!“ – рече Шилегов.
Шилегов посочи дека токму заради непроценливото значење на јазикот за секој народ, Град Скопје, иако надвор од своите надлежности, го поддржува овој Ден на мајчиниот јазик, и ја најави и скромната поддршка за реконструкцијата на Спомен-собата на Крсте Петков Мисирков.
На свеченоста по повод одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик присуствуваше и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува секоја година со цел да се прослават различните јазици што се зборуваат низ светот.