Кандидатот за премиер на Ирак, Мухамед Тауфик Алави денеска изјави дека составил кабинет од политички независни кандидати и го повика Парламентот следната недела да одржи вонредна седница за да гласа за доверба во владата.
Тој во телевизиски говор рече дека ако неговата влада добие мнозинство од гласовите во Парламентот, неговиот прв потег ќе биде да се спроведе истрага за убиството на демонстрантите и сторителите да се изведат пред лицето на правдата.
Во исто време, тој вети дека ќе распише предвремени избори кои ќе бидат ослбодени од влијанието на парите, оружјето и странското мешање, а демонстрантите ги повика да и дадат шанса на неговата влада и покрај „кризата на недоверба во сè што е поврзано со политиката”, за што ги обвини своите претходници.