Референдум за усвојување на еврото би претставувал гласање за излез на Бугарија од ЕУ, смета поранешниот бугарски заменик министер за финансии, Љубомир Дацов.
– Не може да има референдум за усвојување на еврото, бидејќи тоа би претставувало референдум дали треба да останеме во Европската унија или не, истакна Дацов по повод иницијативата на опозициската партија „Волја” за организирање референдум.
Тој истакна дека „доколку кој било политичар сака да си игра во таа сфера, тоа конкретно значи дека референдумот за евро е гласање за излез од ЕУ”.
Според него, исто така, е смешно да се очекува, во случај на усвојување на еврото, Бугарија да ја доживее судбината на Грција.
– Не е виновно еврото, туку Владата, која ја следела неразумната политика на наталожување долгови, нагласи Дацов.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов во понеделникот најави дека раководството на земјата нема да учествува во придружувањето на „чекалната” на еврозоната, а еврото нема да биде усвоено без целосен консензус на населението.
– Пристапувањето кон Европскиот курсен механизам (ЕРМ 2) се очекувало во април, но велат дека се појавиле информации дека партнерите во ЕУ не се согласуваат и тоа веројатно нема да се случи во блиска иднина. Поради тоа премиерот едноставно ја користи ситуацијата да остави впечаток на човек кој води сметка за мислењето на другите, изјави поранешниот бугарски заменик министер за финансии.
Дацов изрази надеж дека изјавата на Борисов била „времено губење на рамнотежата”.