Чисти оџаци, работи со гипс картон и умее и други градежни активности само за да обезбеди пари за лекување на сопругата Николина. Ваква е приказната на Тофил Авазовски од делчевското село Тработивиште, кој вели дека иако може и сака да работи тешко се наоѓа работа.
-Од 30 дена во месецот отприлика работам само две недели. Од тоа успевам да обезбедам едвај 5000 денари кои не се доволни за живот, а камоли за лекување на Николина за која поседувам медицински наоди дека итно и е потребно лекување, вели Авазовски.
Со сопругата живеат во куќа во Тработивиште која им е дадена под кирија, но сопственикот нема душа да им наплати, бидејки ја знае нивната состојба.
-Во дворот имам направено „фолија” во која произведувам зеленчук, од која обезбедуваме јадење во летото. Но без пари не се живее. Не се плашам од работата и едвај чекам некој да ме викне за да заработам пари за лекување. За среќа сопственикот на куќата не ни зема пари за кирија, барем тој трошок го немаме, инаку за струја и вода нема од каде да платиме, додава Авазовски.
Досега единствена помош имал од делчевскиот градоначалник, но сепак, како што вели Авазовски премалку за неговата сопруга да замине на лекување.
Од Центарот за социјални работи информираат дека досега не побарал помош од оваа институција, но доколку ги посети најавија дека ќе му ги овозможат сите потребни информации и поддршка која им е потребна нему и на неговата сопруга.