– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска најави изградба на 5.000 нови станбени единици во спорните делови на Ерусалим и покрај предупредувањата дека тој проект ќе ги изолира Палестинците кои живеат во Ерусалим од останатиот дел на Западниот брег.
Нетанјаху најави изградба на населби во два ерусалимски кварта кои се наоѓаат во осетлив дел од градот кој го поврзува Западниот брег и источен Ерусалим, кој Палестинците го сакаат за престолнина на идната палестинска држава.
Претставник на палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди планот на Нетанјаху како „уште еден обид да се потисне решението за две држави и да се уништи секоја можност за мир”.
– Ова е сериозно кршење на меѓународното право кое изградбата на еврејски населби на палестинските територии, вклучувајќи го и Ерусалим, ја смета за нелегална, оцени палестинскиот претставник.
Организацијата „Мир сега” смета дека изградбата на нови населби во двата спорни региона е еднаква на „државно самоубиство”.
Израел го анектираше источен Ерусалим, но анексијата не беше признаена од поголемиот дел од светот, освен тоа што во 2017 година, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел.