Федералниот суд го осуди долгогодишниот советник на претседателот Доналд Трамп, Роџер Стоун, на три години и четири месеци затвор, поради обвинение кое вклучува лажење во истрагата за руското мешање во претседателските избори во САД, во 2016 година.
Федералното обвинителство побара од судот да му изрече казна на Стоун на седум до девет години затвор, но судијата Ејми Џексон рече дека таквата пресуда би била непотребна, пренесува „Ројтерс“.
Таа исто така ги отфрли обвинувањата дека Стоун бил казнет за неговата лојалност кон претседателот велејќи: „Не му беше судено затоа што тој беше за претседателот. Тој беше суден затоа што прикриваше поради претседателот“.
Стоун беше прогласен за виновен минатиот ноември дека лажел во Конгресот и ја попречил истрагата на Претставничкиот дом за вмешаноста на Трамп и Русија во изборите во 2016 година.
Тој ги негираше сите обвинувања, изјавувајќи дека случајот против него е политички мотивиран.
Кариерата на Стоун како републикански оперативец се протега од ерата на скандалот во Вотергејт од раните 1970-ти до кампањата на Трамп пред четири години.