Ослабениот состав на македонскиот, регионалниот и европскиот ракометен машки првак Вардар викендов со убедлива победа против Мотор Запорожје пред своите гледачи го верификуваше пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите. Победата на „црвено-црните“ не ја смени ситуацијата. Неизвесноста и натаму демне, а за сите проблеми проговори еден од најискусните кои останаа во овој состав на Вардар, поранешниот хрватски репрезентативец Иван Чупиќ.
– Не е идеално, тоа не е никаква новост. Семејството ми е в ред и тоа ми е најважно. Секој си има своја работа, некој оди во градинка, некој училиште, некој игра ракомет. Се навикнавме, добро е, -вели десното крило кое додава:
– Се уште ништо не се знае. Имавме состанок со Самсоненко и Михајло Михајловски, разговаравме. Ни кажаа оти многу работи ќе се знаат до крајот на месецот. Што конкретно, тоа се уште не знаеме. Ама како и да е, до крајот на сезоната ќе бидам тука, верувам и останатите. Би сакал така да остане, да се стабилизираат работите, но засега навистина не знам ништо. Ние и навивачите нема да се откажеме, мислам тоа никогаш нема да се случи, останатото е висока политика во која не се разбирам – порачува Иван за „Јутарњи“.
За она што го очекува Вардар на играчки план Чупиќ вели дека ќе се „крпат“ и ќе минуваат од натпревар до натпреавр.
– Имаме уште два меча во групната фаза од ЛШ, па не очекува осминафинале. Ќе видиме со кого ќе играме можеби Алборг, не знам. Преднас е и четвртфиналето во СЕХА со Нексе, се надевам ќе играме и на завршниот турнир каде ќе ја браниме титулата. Колку не има е друго прашаше, играме осум до десет играчи и се „крпиме“. Најавени се уште двајца ракометари, но искрено не знам како ќе бидат ангажирани во оваа ситуација. Одиме натпревар по натпреавр и од ден за ден, ќе видиме до каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, ќе биде штета овој шампионски проект да згасне – заклучи поранешниот хрватски репрезентативец кој во 2016 година по освојувањето на европската круна со полскиот Кјелце се пресели во Вардар и уште двапати беше најдобар во Европа.