Според него, без задоволни наставници, нема квалитетно образование.
„Ние сме свесни за оваа работа и затоа во изминатите две години силно се заложивме да ги вратиме дигнитетот и достоинството на наставничката професија. Се заложивме наставниците да го добијат местото во општеството, но и почитта што, всушност, и ја заслужуваат.
Нашиот првичен план за поддршка на наставниците е веќе целосно реализиран. Но, во следниот период ќе работиме на негова надградба и понуда на нови можности за наставниците и стручните соработници. За период од две години, платите на наставниците во основните и средните училишта се зголемени повеќе од 21 процент. Историско покачување со кое се гордееме. Првото покачување на платите на наставниците беше во септември 2018 година, и тоа 5 отсто, второто во септември 2019 година, исто така 5 отсто, а третото, кое изнесува нови 10 отсто, е реализирано во јануари 2020 година. Кумулативно заедно со годишните порамнувања имаме зголемување на платите на наставниците и стручните соработници повеќе од 21 отсто.
Во меѓувреме, пораснаа и платите на вработените во високообразовните установи – 5 отсто, а набргу, по изнаоѓање правно решение, ќе ги добијат и новите 10 отсто, кои се веќе договорени. Пораснаа и платите на вработените во научните институти, и тоа дури повеќе од 30 отсто.
Изразено во конкретни бројки, покачување на платата добиваат вкупно 32.400 граѓани, од кои 19.500 вработени во основните училишта, 8.200 во средните училишта, 4.500 во високо образовните установи и 220 во јавните научни институти.
Во овој контекст, дозволете да потсетиме дека е усвоен и Законот за наставниците и стручните соработници во училиштата и тој силно влијае врз мотивацијата за работа. Првпат обезбедува можност за кариерен напредок во звања ментор и советник по исполнувањето одредени услови и за тоа исто така наставникот, односно стручниот соработник, добива повисок личен приход. Еднакво важна е и гарантираната можност во рамките на законот за континуиран професионален развој и усовршување преку обуки дефинирани во акредитирани програми.
Ако на ова ги додадеме и интензивните заложби за унапредување на условите за работа во училиштата преку подобрување на инфраструктурата, преку набавката на опрема и така натаму, убедени сме дека мотивираноста кај наставниците за работа континуирано ќе продолжи да се зголемува, а тоа ќе придонесе за создавање генерации, при што секоја ќе биде барем за нијанса подобра од претходните. Оваа наша посветеност и овие резултати се гаранција за заложбите на кои ќе бидеме фокусирани и ќе ги реализираме во периодот што следува“, рече тој.