Во поглед на наводите на техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи, кои беа изнесени на 19.02.2020 година, а се однесуваат на одржаната седница на Владата на РСМ на 15.02.2020 година и на донесената одлука за поништување на решенијата донесени од техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи, Основното јавно обвинителство Скопје ја известува јавноста дека ќе ги провери овие наводи за да утврди дали има неправилности кои би упатиле на извршено кривично дело кое се гони по службена должност.
Со таа цел, надлежниот јавен обвинител поднесе барање до Владата на РСМ за обезбедување на потребните податоци и писмени докази кои се однесуваат на наводите.
Претходно, до Основното јавно обвинителство Скопје од страна на дополнителниот заменик на Министерот за внатрешни работи беше поднесена кривична пријава против техничкиот министер на Министерството за внатрешни работи за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 и Несовесно работење во службата од член 353-в од Кривичниот законик. Пријавата се однесува на донесената телеграма од 08.01.2020 година од страна на техничкиот министер со која се известуваат раководителите на организациони единици во МВР дека решенијата за распоредување потпишани од поранешниот министер за внатрешни работи кои не се врачени не треба да им се врачуваат на вработените на кои се однесуваат.
Во поглед на оваа кривична пријава, надлежниот јавен обвинител издаде наредба да се направат проверки до Министерството за внатрешни работи, до техничкиот министер и до дополнителниот заменик на министерот од кои се бара да достават релевантни податоци и да приложат писмени докази.
И во двата предмета, во зависност од доставените податоци и докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе одлучи согласно Законот за кривична постапка.